Манасков и Веспрем ќе се борат за европската ракометна титула

ЕКИПА во Келн,

Катерина Павлова Николовска

Унгарскиот Веспрем е првиот финалист на Ф4 турнирот во ракометната Лига на шампионите. во воведната полуфинална пресметка, тимот на Давид Дејвис  и на Дејан Манасков го победи Киелце со 33-30 и ќе игра за титулата против подобриот од мечот меѓу Вардар и Барселона. За Веспрем ова е четврто финале, ја брка првата титула. Мечот го судеше македонската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Клучниот исчекор за пласманот во финалето, Веспрем го направи во средината од второто полувреме кога по израмнетите 18-18 во 38 минута со серија од 4-0 дојде до 22-18. Потоа уште неколкупати имаше плус четири. Киелце се доближи на само минус еден во 52 минута, но не успеа да направи комплетен пресврт.

Претходно во првото полувреме, Веспрем влезе фуриозно, одличен на голот беше Арпад Штербик, но екс голманот на Вардар се повреди во текот на првото полувреме и веќе не се врати на теренот. Киелце се консолидираше и до паузата беше израмнето 13-13.

Петар Ненадиќ го предводеше Веспрем до триумфот, постигна 12 гола, Драган Гајиќ заврши со пет. Манасков не беше на теренот поради повредата со која се бореше во последниов период.

Кај Киелце, Алек Душебајев постигна седум гола, Лука Циндриќ полуфиналето го заврши со пет погодоци.

 

 

Се вчитува...