Манасков: Раул е добар тактичар, но на нас е на теренот да го добиеме мечот

Македонските ракометари со засилено темпо се подготвуваат за утрешниот дуел во Скопје против Исланд, еден од клучните натпревари за пласман на ЕП 2018. Репрезентативците работат напорно под водство на новиот селектор Раул Гонзалес, кој нема премногу време за да ги пренесе своите тактички замисли врз ракометарите.

Работиме квалитетно, дел од нас се запознаени со методите на работа на Раул и тоа сигурно ни е од помош. Немаме премногу време за целосно внесување на нов систем на игра, но Раул е добар тактичар, секогаш прави одлична анализа на противникот, па така веќе гледавме видеа и знаеме речиси се што ќе треба да одиграме на утрешниот дуел. На селекторот е да ја постави тактиката, но на нас е на теренот да ја добиеме битката. Многу важно ќе биде одбраната да ни биде на ниво, да им помогнеме на голманите да остварат што повеќе одбрани“ – изјави Дејан Манасков.

Крилниот ракометар на Некар Левен има високо мислење за противникот, кој за овој дуел ќе биде дополнително засилен со камбекот на Арон Палмарсон.

Исланд во Франција беше силен противник, а сега ќе биде уште поопасен со Арон Палмарсон. Бекот на Веспрем не само што се врати по повредата, туку и игра во топ-форма. Тој е ракометар способен самиот да решава натпревари и сигурно дека ќе обрнеме посебно внимание на него. Сметам дека бодрени од нашите верни навивачи имаме мала предност во овој натпревар, ќе сториме се за да одиграме како што знаеме и да ја забележиме посакуваната победа“ – порача Манасков.

Се вчитува...