Манчестер јунајтед клуб со најголема вредност во Европа

Манчестер јунајтед и понатаму е највреден фудбалски клуб во Европа, а неговата вредност се проценува на 3,25 милијарди евра. Според податоците што ги објави ревизорската куќа KPMG, која спаѓа меѓу четирите најголеми во светот, зад Манчестер јунајтед се двата шпански гиганти, Реал Мадрид и Барселона.

„Кралскиот“ клуб вреди 2,92 милијарди евра, додека вредноста на Барселона се проценува на 2,78 милијарди евра. Четврти е Баерн Минхен (2,55), а зад него Манчестер сити (2,16). Ливерпул е на осмото место (1,58), додека ПСЖ кој лани го купи Нејмар за рекордни 222 милиони евра, се наоѓа на 11.позиција со проценета вредност од 1,14 милијарди евра.

KPMG ја проценува вредноста на клубовите врз осниова на вкупниот годишен приход, висина на добивката, домашна и странска популарност, спортски потенцијал како и вредноста на стадионот и на останатиот имот. Така, вкупната вредност на 32 најголеми европски клубови зголемена е за девет отсто во однос на лани и сега изнесува 32,5 милијарди евра.

Кога станува збор за најсилните лиги во светот, Англија има девет клуба на оваа листа, Шпанија и Италија по шест, Германија и Франција по три.

Исто така, интересен е и податокот дека меѓу десетте највредни клубови дури шест се од Англија.

Се вчитува...