Манчестер Јунајтед прв со понуда за Кулушевски

Манчестер Јунајтед е првиот клуб што испратил официјална понуда за Дејан Кулушевски, но шведскиот репрезентативец со македонски корени сепак нема да ги менува клупските бои во текот на јануарскиот преоден рок. Кулушевски настапува во извонредна форма во дресот на Парма, каде игра како позајмен играч од Аталанта.

Одличните настапи придонесоа тој да го привлече вниманието на Интер, Милан, Рома, но и на неколку англиски премиерлигаши, а „црвените ѓаволи“ од Манчестер се првиот клуб што испратил и конкретна понуда до Аталанта. Сепак, сумата од 25 милиони евра што ја дава англискиот гигант е недоволна за да се убеди раководството на клубот од Бергамо да даде зелено светло за трансфер на Кулушевски.

Во Аталанта го имаат проценето овој фудбалер на 40 милиони евра, вредност што се убедени дека ќе ја достигне доколку продолжи со добрите игри од стартот на сезонава (три гола и пет асистенции во првите 14 кола од Калчо-лигата). Самиот Кулушевски неодамна изјави дека е среќен од Парма и не сака да си замине во јануари, така што Јунајтед и останатите заинтересирани клубови ги очекува трка во наредните месеци доколку сакаат да стигнат до потписот на овој талентиран фудбалер за врска.

Се вчитува...