Манчестер сити го реши Ливерпул во големото дерби

Манчестер Сити славеше важна победа против Ливерпул (2-1) во дербито од 21.коло во Премиер лигата. Со овој триумф се разгорува борбата за шампионската титула. Ливерпул останува на 54 бода, а Манчестер сити дојде на достижни четири бода разлика.

Водечкиот гол за домаќините го постигна Агуеро во 40.минута. Бернардо Силва го проигра во шеснаесетникот, а Агуеро го искористи невниманието на Дејан Ловрен и ја смести топката во голот.

Ливерпул успеа да изедначи преку Фирмињо во 64.минута. Роберто Фирмињо прв стигна до одбиената топка во шеснаесетникот, брзо реагираше и со глава ја упати топката во празниот гол на Сити за 1-1.

Но, радоста на Ливерпул кратко траеше. Сане со мајсторски погодок повторно им донесе предност на домаќините. Стерлинг ја нафрли топката во казнениот простор, а Сане шутираше прецизно по десната страна на голот за водство од 2-1 во 72.минута.

Натпреварот можеше да доби потполно друг тек ако Ливерпул ги искористеше двете шанси на стартот. Само неколку сантиметри ги делеа гостите од водство уште во 18.минута од натпреварот. Две шанси имаа избраниците на Јирген Клоп да го постигнат водечкиот погодок. Прво Мохамед Салах го проигра Мане, а тој ја погоди стативата. Веднаш потоа топката се одби кон голот и беше извадена од гол линијата.

Интервенираше “гол лајн” технологијата со која се покажа дека топката за малку не ја поминала линијата, а Ливерпул точно 11.2 милиметри го делеа од важен гол.

Се вчитува...