Европскиот првак Манчестер Сити го претрпе првиот пораз летово откако загуби со 1-2 на дуелот со Атлетико Мадрид, како дел од турнејата на „граѓаните“ низ Азија.
Пеп Гвардиола повторно им даде шанса на речиси сите фудбалери, а Ерлинг Халанд овојпат беше дел од стартната постава. Норвешкиот голгетер имаше убави шанси за гол, не успеа да ги искористи, за што казната стигна во вториот дел, кога Сити настапи со значително променет состав.
Првиот погодок беше ремек-дело на Мемфис Депај откако холандскиот напаѓач со силен удар од работ на шеснаесетникот ја затресе мрежата на Сити.
Англискиот гигант се отвори, а Атлетико Мадрид го искористи тоа и постигна и втор гол, од контранапад преку Караско, откако Белгиецот прифати топка на половина од теренот, истрча повеќе од 30 метри и на крајот го матираше противничкиот голман.
Сити до крајот успеа да постигне почесен погодок, дело на дефанзивецот Рубен Дијаз во 85. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА