Манчини: Дојдовме во Скопје по три бода!

Тренерот на рускиот Зенит, Роберто Манчини по пристигнувањето во главниот град на Македонија на официјалната прес-конференција пред утрешниот меч нагласи дека во Скопје доаѓа со единствена желба за победа против Вардар.

Италијанецот верува дека ќе биде тежок натпревар со оглед на тоа што Вардар како дебитант е силно мотивиран за ова натпреварување, но тие се подготвени да дојдат до својата цел.

„Знаеме дека ќе биде тежок натпревар против мотивиран противник. Добро го анализиравме Вардар, кој има добра искусна одбрана и секогаш игра на контранапади… И, тоа добро. Но, сите наши фудбалери кои се во Скопје се подготвени за надигрување. Во Скопје секако дојдовме со желба за три бода“ – рече Манчини, притоа дополнувајќи:

„Точно е дека не играме во Лига на шампиони, и ова не е натпреварување на ист ранг. Но, за нас тоа нема разлика и одиме на победа на секој натпревар. Некои фудбалери не допатуваа во Скопје, како Паредес и Шатов кои се повредени, но тоа е моја одлука. Се надевам дека и двајцата ќе се опорават до понеделник, па ќе ги имаме за првенството. Но, имаме на располагање тим кој може да игра на високо ниво. Воопшто не ме плаши тоа што не постигнавме гол на последните две средби. Тоа не значи ништо.“

Без потценување игра на утрешниот дуел најави и Александар Јерохин…

„Никако не сакаме да го потцениме Вардар. Добро е познато какви тешки натпревари имаше ова лето во Европа, а му даде и четири гола на Фенербахче. Тоа доволно кажува за утрешниот наш противник“ – рече Јерохин на прес-конференцијата.

Натпреварот меѓу Вардар и Зенит, прв од групната фаза во Лигата на Европа за македонскиот шампион, се игра утре од 21:05 часот на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...