Манчини: Нашата цел не е само да се пласираме на Светско првенство, туку и да го освоиме!

Селекторот на Италија, Роберто Манчини, денеска одржа прес-конференција на која ги искажа очекувањата од бараж натпреварот со Македонија. Италијанците се полни со оптимизам дека ќе поминат не само во финалето, туку и дека ќе се пласираат на Мундијалот во Катар.

Прашан од новинарите дали има план Б доколку нешто отиде во непосакуван правец, Манчини одговори:

„Вие водете сметка за сценариото Б, а јас ќе се погрижам за сценариото А и ќе зборувам за тоа. Размислуваме позитивно. Нема да бидат два лесни натпревари, можеби не требаше да се најдеме во ваква ситуација, но можеби мораше да одиме по потешкиот пат“, изјави селекторот на Италија.

Го коментираше и составот на Италија кој го одбрал за бараж натпреварите.

„Се обидов да го донесам секој кој може да биде корисен. Немаме многу простор да пробуваме многу работи, ќе имаме само два тренинзи. Не можев да повикам 40 играчи“, рече Манчини.

Манчини вели дека целта е Италија да го нападне и пехарот на Мундијалот во Катар, а не само да се пласира на него.

„Првиот натпревар нема да го сметаме однапред добиен, нема да биде лесно. Нашата цел не е само да се пласираме на Светското првенство, туку и да го освоиме. За да го освоиме, мора да победиме на овие два натпревари“, вели предводникот на „аѕурите“.

Манчини додаде дека најверојатно нема да игра Кјелини на двата натпревари, но дека одлуката ќе биде донесена непосредно пред натпреварот. Исто така истакна дека не е загрижен за слабата форма на Донарума.

Селекторот на Италија уште еднаш потврди дека е убеден за пласманот на Мундијалот.

„Уверен сум во успех, атоа што знам дека имам добри играчи и професионалци. Го освоивме Европското првенство од нула, кога никој не веруваше во тоа. Никој“, вели Манчини.

Се вчитува...