Манчини во игра за нов тренер на Јувентус

Тијаго Мота ги троши последните кредити како предводник на Јувентус, а италијанските медиуми најавуваат дека евентуален неуспех претстојниот викенд ќе значи и дефинитивен отказ за овој стратег од кормилото на „старата дама“.

Навивачите и управата на клубот се незадоволни од игрите и резултатите на клубот, веќе во јавноста се споменуваа неколку имиња, а листата денеска е побогата за уште еден звучен тренер – поранешниот италијански селектор Роберто Манчини. Екс-стратегот на Интер и Манчестер Сити неколку месеци е без ангажман по добиениот отказ како селектор на Саудиска Арабија, а информациите од Италија говорат дека Манчини е подготвен за камбек во калчото доколку добие интересна понуда од амбициозен клуб.

Јувентус дефинитивно влегува во овој опис, па раководството на „старата дама“ веќе го контактирала поранешниот голгетер. Разговорите моментно се во првична фаза, но лесно може да се случи преговорите да се интензивираат доколку Јуве се „лизне“ против Фиорентина и Мота добие отказ.

Тудор веќе одби да преговара јасно ставајќи до знаење дека не прифаќа договор на само три месеци, но со Манчини ситуацијата е поинаква, Јувентус е подготвен да му даде договор на дополнителни две години, поради што големи се шансите тој да го прифати предизвикот да седне на клупата на најтрофејниот италијански клуб.

Се вчитува...