Мареј се врати со победа, па објави дека ќе игра на Вимблдон

Енди Мареј имаше успешен камбек на терените, откако во првиот меч по петмесечна пауза успеа да слави на турнирот во Квинс. Британецот настапи во дубл со Фелисијано Лопез, успевајќи да го земат скалпот на првите носители Хуан Себастијан Кабала и Роберт Фарах. Мареј и Лопез одиграа одличен меч, триумфирајќи со 7-6, 6-3, на воодушевувањето на британската публика.

Само еден час по големиот триумф, Мареј ги израдува своите фанови обелоденувајќи дека е подготвен за настап на Вимблдон. Тој нема да игра во сингл, туку во дубл-конкуренција со Пјер-Хуго Херберт од Франција.

Само за потсетување, Енди Мареј својот последен сингл-меч го одигра на Австралија Опен во јануари годинава, кога по голема битка загуби од Баутиста Агут. Потоа тој беше повторно опериран на повредениот колк, долго се стравуваше дека нема никакви шанси да се врати на терените, но ова е одличен знак дека Мареј би можел да се врати во посакуваниот ритам во периодот што следи.

Се вчитува...