Ријад Марез се наоѓа пред заминување од Лестер откако крилниот офанзивец и официјално поднел барање за трансфер до раководството на екс-шампионот на Англија. Алжирскиот репрезентативец лани беше поврзуван со мега-трансфери, но потпиша нов договор и остана во Лестер, настапувајќи за оваа екипа во Лигата на шампионите. Сепак, по разочарувачките резултати во Премиер-лигата, Марез сега реши да си замине од таборот на „лисиците“.
„Од огромната почит што ја имам кон фудбалскиот клуб Лестер, сакав да бидам тотално искрен и отворен кон раководството и затоа го информирав дека чувствувам дека е дојдено времето за разделба. Минатото лето разговарав со претседателот и се согласивме да останам уште една година по освоената титула во Премиер-лигата, за да му помогнам на тимот во дебитантската сезона во Лигата на шампионите. Сепак, јас сум максимално амбициозен и затоа сметам дека сега е вистински момент за нов предизвик во мојата кариера. Минав четири сезони во Лестер, тоа ми се најдобрите години во кариерата и уживав во секој момент. Горд сум што сум дел од историјата на овој клуб со ланската титула во Премиер-лигата, отсекогаш сум имал искрен однос со навивачите и се надевам дека ќе ја разберат и ќе ја почитуваат оваа моја одлука“ – истакнува Ријад Марез.
Арсенал и Тотенхем се клубовите кои во прв момент важат за фаворити во трката по Марез, кој ќе биде проценет на 30 милиони фунти од страна на „лисиците“, но не се исклучува можноста уште неколку екипи да се обидат да го доведат овој квалитетен фудбалер во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА