Марио Геце е разочарување на сезоната во Бундес-лигата

Марио Геце доби неславна титула за „најголемо разочарување“ во Бундес-лигата во анкетата во која гласаа играчите од најсилната германска фудбалска конкуренција. Тој во изминатата сезона имаше само 15 настапи за Борусија Дортмунд и тоа на сите влегуваше од клупата за резерви. Тој веќе е слободен играч и е во потрага по нов клуб. Играчот кој го постигна триумфалниот гол за Германија на Светското првенство во 2014 година доби дури 30 проценти од гласовите на колегите фудбалери. Во оваа неславна битка, Геце ги победи Александер Нубел, Саломон Калу и Фелипе Кутињо.

Во спортивна насока, најмногу гласови за најдобар играч доби Роберт Левандовски, а второто место му припадна на младиот Англичанец, Џејдон Санчо. Предводникот на шампионот Баерн Минхен, Ханси Флик доби најмногу гласови во категоријата најдобар тренер додека разочарување во тренерската фела е Јирген Клинсман.

Интересен податок од оваа анкета е тоа што бундеслигашките играчи сметаат дека најдобра лига во светот е Премиер-лигата. Дури 74,4 проценти од фудбалерите во германската лига сметаат дека англиското првенство е најдобро, само 17,8 проценти сметаат дека најдобра е Бундес-лигата. Сосема очекувано поддршката за најдобар тренер во светот ја доби менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

 

Се вчитува...