Марио Гомез става крај на кариерата, останува тренер на Чурлинов во Штутгарт

Поранешниот германски репрезентативец и напаѓач на Штутгарт, Марио Гомез одлучи да стави крај на играчката кариера.

По вчерашниот крај на сезоната во Втората Бундеслига во која Штутгарт, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, се избори за враќање во елитата, Гомез најави пензија.

„Преговарам со Реал и со Барселона. Но, ако тоа не успее…“ – најпрво се пошегува 34-годишниот Гомез пред да ја соопшти својата одлука.

„Ова беше моја последна мисија откако не успеавме минатата сезона. Бев сигурен на почетокот од сезоната дека ќе се избориме за место во Бундеслигата. Па, уште тогаш одлучив дека ова ќе ми биде последна година во Штутгарт, во Германија, и веројатно како фудбалер“.

Гомез со Штутгарт во 2007 година го освои германското првенство, а потоа освои уште две титули со Баерн Минхен со кого стигна и до европската шампионска круна во 2013 година. Играше и за Фиорентина, Бешикташ со кого го освои турското првенство, како и за Волфсбург. За германската репрезентација одигра 78 натпревари постигнувајќи и 31 гол. Со Германија стигна до светската бронза во 2010 година како и до европското сребро во 2008 година.

Од Штутгарт порачаа дека се подготвени да му понудат на Гомез тренерска улога во клубот доколку одлучи навистина да стави крај на играчката карира. Планот е да се вклучи како еден од тренерите во стручниот штаб на првиот тим.

Се вчитува...