Марјан Илиевски е нов тренер на Маџари

Доскорешниот селектор на Македонија, Марјан Илиевски, ќе го предводи вицешампионот Маџари во текот на новата натпреварувачка сезона.

Ваквиот развој на настаните е сосема очекуван ако се знае дека токму Илиевски е еден од основачите на овој успешен кошаркарски проект, кој сега ќе застане на кормилото на играчкиот кадар, во обид да го повтори ланскиот успех со пласманот во големото финале, под водство на Миодраг Тодоровиќ кој летово се пресели на клупата на Кожув.

„Со големо задоволство објавуваме дека поранешниот селектор на националниот сениорски кошаркарски тим на Македонија, Марјан Илиевски, застанува на чело на нашиот стручен штаб за сезоната 2026/27.

Илиевски, кој е и еден од коосновачите на клубот и идеолог на овој проект, се враќа дома – во Маџари, каде ќе ја предводи екипата во домашното првенство и во нашето историско деби во АБА2 лигата.

Тој е едно од најквалитетните имиња во македонската кошарка, со значајно меѓународно искуство, освојувач на трофеи и тренер зад кого стојат бројни успешни проекти.

Со неговото знаење, визија и лидерство, влегуваме силно во новите предизвици!

Со нетрпение ја очекуваме новата сезона! Добредојде дома, тренеру“, објави КК Маџари.

Се вчитува...