Марјан Младеновиќ во следната сезона нема да го носи дресот на Пелистер откако тимот и играчот взаемно одлучија да ја прекинат соработката. Велешанецот го засили битолскиот тим во 2021 година, а и покрај тоа што имаше солидна сезона во „зелено-белиот“ дрес во новата сезона ќе ги промени боите.
Плејмејкерот беше еден од најконстантните во тимот, настапи на 39 средби во домашното првенство притоа бележејќи просек од 6.9 поени, 4.1 асистенција и 2.5 скока по натпревар, а одигра и 12 средби во АБА2 лигата каде во просек бележеше 4.1 поен, 4.1 асистенција и 2.5 скока.
За неговите услуги интерес изразија повеќе прволигаши меѓу кои и Еуро Никел. Доколку 34-годишникот се одлучи за кавадаречкиот тим тоа ќе биде нов предизвик во неговата кариера по Ултимејт Баскет, Овче Поле, Куманово, АВ Охрид, Радовиш, Блокотехна, Гостивар и Работнички.
Ова не е единствената промена во редовите на битолчани кои во новата сезона влегуваат и со нов спортски директор откако на местото на Мартин Јовановски седна легендата на клубот Ѓорѓи Анакиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА