Белгиската фудбалска федерација и официјално го именува Марк ван Бомел за нов селектор на националната репрезентација. Поранешниот холандски репрезентативец потпиша договор со важност до завршувањето на Европското првенство во 2028 година и ќе има задача повторно да ја врати Белгија меѓу најсилните европски селекции.
Ван Бомел зад себе има богато тренерско искуство, водејќи ги ПСВ Ајндховен, Волфсбург и Ројал Антверпен. Најголемиот успех како тренер го оствари токму во белгискиот клуб, каде во сезоната 2022/23 го освои шампионскиот трофеј и Купот на Белгија, испишувајќи една од најуспешните страници во историјата на Антверпен.
Пред да се посвети на тренерската професија, Ван Бомел имаше блескава играчка кариера. Ги носеше дресовите на ПСВ, Барселона, Баерн Минхен и Милан, а за репрезентацијата на Холандија одигра 79 натпревари и постигна 10 голови. Беше дел од генерацијата која стигна до финалето на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година.
Новиот селектор ќе работи со искусен стручен штаб. Во улога на негови асистенти ќе бидат Будевијн Зенден, Мартен Мартенс и Рајниер Робемонд, кои ќе се обидат да изградат конкурентен тим за претстојните квалификации и завршниот турнир на ЕП 2028.
На своето претставување, Ван Бомел истакна дека преземањето на белгиската репрезентација претставува голем предизвик и чест.
„Навистина сум горд што ја добив можноста да ја предводам Белгија. Му благодарам на Фудбалскиот сојуз за довербата. Оваа репрезентација располага со квалитетни фудбалери и голем потенцијал. Нашата цел е да изградиме дисциплиниран, борбен и храбар тим кој ќе може рамноправно да се носи со најсилните селекции. Нема гаранции за успех, но можам да ветам максимална посветеност, чесна работа и огромна желба за напредок. Верувам дека заедно ќе создадеме репрезентација со која белгиските навивачи повторно ќе се гордеат“, изјави Ван Бомел по потпишувањето на договорот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
