Маркионе оставил завет – Леклер да го наследи Раиконен во Ферари

Новата ѕвезда во Формула 1, Шарл Леклер, е на пат да блесне уште посилно и тоа во болидот на Ферари. Во италијанскиот тим се подготвени да исполнат една од последните желби на починатиот претседател, Серџо Маркионе.

Долгогодишниот прв човек на Ферари не ги криеше симпатиите за младиот Леклер кој е роден во Монако и е еден од возачите од Академијата на Ферари од 2016 година. Французинот по само една сезона во Формула 1, може да го добие престижното место во тимот на Ферари.

Оваа сезона, Леклер имаше успешно деби во тимот на Заубер кој е тесно поврзан со Ферари како потрошувач на нивните мотори.

Младиот Французин во Ферари треба да го наследи Кими Раиконен. Но, прашањето за „пензија“ на 38-годишниот Финец кој е последен возач што донел шампионска титула во Маранело, почна да се одолговлекува откако контролата во Ферари по смртта на Маркионе ја презеде новиот извршен директор, Луис Камилери. Тој е близок пријател со Раиконен и чека да види дали Финецот ќе ја сочува врвната форма до крајот на сезоната.

За време на трката за ГН на Италија што се возеше изминатиот викенд на патеката во Монца, италијанските медиуми објавија дека имало средба меѓу шефовите на Ферари и Шарл Леклер, а наскоро ќе биде познато и дали Французинот ќе му стане клупски колега на Себастијан Фетел од следната сезона или ќе почека до 2020 година.

Се вчитува...