Марко Тарабокија, супер-трансфер на Металург

Металург конечно ја заврши потрагата по нов среден бек, откако денеска постигна договор за ангажман на Марко Тарабокија. Станува збор за 31-годишен ракометар кој зад себе има исксутво од настапи во Лигата на Шампионите, во дресот на полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Тарабокија е роден во Загреб, но го носи дресот на репрезентацијата на БиХ, каде е стандарден првотимец со години наназад. Тој ја почна кариерата во Загреб, потоа настапуваше во Марибор, по што следеше преселба во Полска, во тимот на Азоти Пулави. Во 2015 година тој се сели во Висла, каде минува четири сезони. Тарабокија ја почна ланската сезона во Сесвете, по што заминува во унгарскиот прволигаш Чургој.

Иако имаше понуда да остане во Унгарија, раководството на Металург успеа да го убеди овој квалитетен ракометар да се пресели во Скопје, каде ќе ја има улогата на стартен среден бек во тимот на Зоран Кастратовиќ. Потрагата по засилување за овој дел од тимот се искомпликува откако Бразилецот Тешеира и покрај потпишаниот договор со Металург на крајот реши да остане во ЧСМ Букурешт, „метлаурзите“ преговараа со неколку квалитетни опции, за на крајот изборот да падне токму на Тарабокија.

Металург денеска објави дека тренерот Кастратовиќ на 20 јули ќе означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона.

Се вчитува...