Маркоски неизвесен за ЕП, дополнително повикан младиот Стојковиќ од Алкалоид

Младиот ракометар на Алкалоид и кадетски репрезентативец, Марко Стојковиќ е дополнително повикан во репрезентацијата на Македонија на подготовките за Европското првенство 2022 година.

Стојковиќ ќе ги одработи подготовките заедно со соиграчите во Маврово, а дополнително е повикан поради повредата која ја заработил Никола Маркоски. Маркоски присуствуваше на првиот собир на репрезентацијата, но неизвесно е колку ќе паузира, па затоа селекторот Кирил Лазаров се одлучи дополнително да го повика младиот Марко Стојковиќ.

„Дополнително го повикав Марко Стојковиќ во последен момент. Јас бев информиран дека Никола Маркоски е повреден, но имав информација дека оди во нагорна линија неговата повреда, дека се беше океј. Но, вчера во консултација со нашиот доктор не информираа дека е доведен во прашање неговиот настап на Европското првенство, со обѕир на тоа каква е сериозноста на повредата. Затоа бев приморан да викнам играч од сличен калибар, со дефанзивни квалитети што може да го замене. Во Маврово ќе оди и Никола со нас ќе се обидеме да го опоравиме, но како ќе поминуваат деновите ќе знаеме на што сме“, изјави Лазаров. 

Македонската репрезентација со организиран превоз ќе замине за Маврово каде ќе биде одработен првиот дел од подготовките.

Во подготвителниот период пред настап на Европското првенство MEN’S EHF EURO 2022 во Унгарија и Словачка, македонската селекција ќе одигра пријателски контролни натпревари со машките сениорски репрезентации на Кувајт и на Израел.

Натпреварите со Кувајт ќе бидат одиграни во рамки на првиот дел од припремиот период во Маврово на 27ми и 29ти Декември 2021 година, додека контролните натпревари со репрезентацијата на Израел ќе бидат одиграни во Скопје во Спортски центар Борис Трајковски на 03ти и 4ти Јануари 2022 година за време на вториот дел од подготовките во Скопје во период од 1ви до 11ти Јануари 2022 година.

Се вчитува...