Маркоски во последната секунда го скрши Тиквеш во Автокоманда

Металург им се врати на победите во Суперлигата откако на домашен терен славеше со 28-27 над Тиквеш во 15. коло. Домаќините и покрај кратката ротација успеаја да одиграат добар меч во кој во поголемиот дел ја имаа резултатската контрола, а откако кавадарчани се вратија во второто полувреме и стигнаа до изедначување, херојот на составот од Автокоманда беше Велко Маркоски, специјалистот за одбрана кој со гол во последната секунда донесе голема победа.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое гостите беа оние кои први успеаја да направат минимална предност (5-7), но истата не ја задржаа. Металург заигра далеку подобро во нападот и одбраната па до крајот на првото полувреме го наметна своето темпо и не само што ја анулираше предноста туку стигна и до комотно водство од 15-11.

Добрата игра на домаќините продолжи и на отварањето на вторите 30. минути во кои предноста се искачи и на +5 (19-14), но кога се чинеше дека скопскиот тим ќе приреди мирен финиш на сцена настапија гостите. Тиквеш возврати со серија од 5-0 со која стигна и до изедначување (19-19) па изедначниот натпревар во кој се игараше „гол за гол“ продолжи буквално до последната секунда, а херојот на Металург беше Велко Маркоски кој со звукот на сирената го совлада голманот на кавадарчани за големо славје.

Златко Хорват беше предводникот на Металург со 11 гола, а него го следеа Петковски и Рибеиро со по шест. Кај гостите од Кавадарци, Дрогришки, Темелкоски и Симиќ реализираа по пет, додека четири гола постигна Трипчевски.

Се вчитува...