Марковиќ потпиша: Вардар е еден од најголемите клубови на Балканот

Стефан Спировски денеска официјално потпиша за Ференцварош, а Вардар експресно го промовираше новото засилување кое ќе биде наследник на македонскиот репрезентативец во средниот ред на „црвено-црните“. Станува збор за српскиот фудбалер Вања Марковиќ, кој денеска потпиша двогодишен договор со „вардарци“, пристигнувајќи од полскиот прволигаш Корона.

Уште пред да дојдам знаев дека Вардар е голем клуб и дека во последните пет години, четири пати ја освои шампионската титула. Тимот редовно во квалификациите за Лигата на шампионите, и ова за мене беше понуда која не се одбива. Клубот има голема историја, и можам да кажам дека на Балканот е еден од најголемите клубови“, изјави Марковиќ.

Пласманот во групната фаза од Лигата на Европа е само мотив повеќе за Србинот да се прикаже во што подобро светло во вардаровиот дрес.

Пласманот во групите од Лигата на Европа е голем успех за клубот и за самата држава, но верувам дека и таму Вардар ќе се претстави во добро светло. Со победите над Фенербахче видовме дека ништо не е невозможно. Ја следев екипата на тие два натпревари и видов дека Вардар е одлична екипа која има одлични играчи во своите редови. Тактички беше перфектно што значи дека и шефот на стручниот штаб Јаневски имал голем придонес, и мене ми е драго што ќе соработувам со него и со овие играчи. Сега имам три недели да се подготвам за првиот натпревар, јас се надевам дека брзо ќе се вклопам во новата средина и на секој тренинг и на секој меч ќе давам се од себе да ја оправдам довербата, и дека тимот ќе бележи само успеси“, вели новиот фудбалер на Вардар.

Се вчитува...