Марковски и Бугариќ елиминирани по три сета во квалификациите на Македонија опен

Двајца од македонските тенисери го завршија настапот на Челинџерот Macedonian Open 2025 во првото коло од квалификациите откако ги загубија мечевите по три сета игра. Обрад Марковски и Берк Бугариќ загубија од своите ривали со 2-1 во сетови во мечеви што траеа по два и повеќе часа игра.

Прв на Централниот терен се појави Обрад Марковски против првиот носител од квалификациите Даниел Михалски од Полска. Првиот сет му припадна Михалски со 6:3 во гемови откако поведе со 1:0 со брејк, а Марковски изедначи на 2:2 со брејк. До крајот на сетот тенисерот од Полска имаше два брејка во седмиот и во деветтиот гем. Во вториот сет комплетна доминација на Марковски и со 6:0 и три брејка го доби сетот и изедначи на 1-1 во сетови. Иако резултатски убедливо овој сет траеше најдолго 49 минути. Во решавачкиот сет по 1:1 во гемови, Михалски успеа да направи два брејка во четвртиот и шестиот гем што беше доволно за да го добие сетот со 6:1 во гемови и мечот со 2-1 во сетови.

Берк Бугариќ имаше одличне старт во мечот со Неил Обрелајтнер (лански четвртфиналист) и го доби првиот сет со 6:3 во гемови пред се на брејкот направен во вториот гем и потоа водството од 3:0 го зачува до крајот и го доби сетот со 6:3 во гемови. Во вториот сет противикот направи брејк во вториот гем од сетот за водство од 2:0, а потоа имаше уште еден брејк за 5:1. Но, Бугариќ со ри-брејк возврати и стигна до 5:3, но немаше сили за пресврт и сетот заврши со 6:3. Во решавачкиот сет на стартот имаше по еден брејк и нерешено беше до 4:4. Во деветтиот гем Бугариќ го загуби сервисот и ривалот дојде до предност што му овозможи да поведе и потоа сетот да го заврши со 6:4 во гемови.

Од македонските тенисери во првото коло од квалификациите играат уште Стефан Мицов против Жерар Кампана Ли и Амар Хусеиновиќ против Фермин Фатиќ.

Се вчитува...