Маслинко е најблиску до Гостивар

Андреј Маслинко е на добар пат да ја продолжи кариерата во дресот на Гостивар, откако преговорите меѓу македонскиот репрезентативец и гостиварци влегоа во завршна фаза. Крилниот кошаркар дефинитивно го напушти тимот на ТФТ, а речиси сигурно негова следна дестинација ќе биде Гостивар, чиј нов тренерот Љупчо Малинков, инсистира токму Маслинко да биде еден од клучните домашни играчи во тимот во новата сезона.

Двете страни разговараат за трансфер повеќе од еден месец, но Маслинко ги разгледуваше и останатите опции што ги имаше на маса, како онаа на Еуро Никел, но и чекаше конкретна понуда од шампионот МЗТ Скопје.

„Металците“ се оладија од интересот и се насочија кон други кошаркари, а од останатите понуди на маса репрезетнативецот најсериозно ја разгледува онаа на гостиварци, пред се поради улогата на стартер што ќе му биде речиси загарантирана.

Гостиварци од домашните играчи ги задржаа браќата Димитриевски и искусниот Војче Лефковски, потпишаа договор со Максим Митевски од МЗТ Скопје 2, а блиску до трансфер е и Виктор Исајловски, исто така од вториот тим на МЗТ.

Се вчитува...