Математика: Хрватите први, Аргентинците господари на сопствената судбина

Групата Д од овој светски шампионат донесе големи возбудувања и изненадувачки резултати, па по две одиграни кола веќе е отстранета една дилема – Хрватска не само што ќе се пласира во осминафиналето, туку и речиси сигурно е победник во групата, па за ривал ќе ја добие второпласираната селекција од групата Ц (Данска, Франција или Австралија).

Хрватска има шест бода, Нигерија има три, додека Аргентина и Исланд ќе влезат во третото коло со по еден бод, оној од меѓусебната пресметка. Во последното коло ќе се сретнат Хрватска – Исланд и Нигерија – Аргентина, а ова се опциите што треба да се исполнат за секоја од преостанатите три селекции да се најде во следната рунда.

АРГЕНТИНА

„Гаучосите“ треба да им се благодарни на Нигеријците бидејќи сега имаат многу пореални шанси за пласман во осминафиналето. Меси и компанија ќе треба да слават над Нигерија за да ја скокнат оваа селекција на табелата. Ако Исланд триумфира над Хрватска, тогаш Аргентина ќе мора да слави со најмалку еден гол разлика повеќе во однос на победата на Исланѓаните.

НИГЕРИЈА

За Нигеријците нема премногу дилеми, клучен е нивниот меч со Аргентина. Ако успеат да останат непоразени, со три или со еден бод дефинитивно се дел од осминафиналето. Дури и доколку Исланд слави над Хрватска, а двете селекции завршат со по четири бода, Нигерија ќе биде пред Исланѓаните поради денешниот триумф. Пораз на Нигерија значи дефинитивна елиминација на африканската селекција.

ИСЛАНД

Охрабрени по големото реми со Аргентина на стартот, Исланѓаните сепак сега се наоѓаат во најнезавидна ситуација. Шансите им се сведени на теорија, па не само што мора да слават над Хрватска, туку и тоа нема да им гарантира осминафинале – за пласман меѓу 16-те најдобри ќе треба и Аргентина да слави над Нигерија, и тоа со иста гол-разлика како Исланѓаните.

Се вчитува...