Математика: Македонија уште може до втора фаза, дури и со два бода

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Австрија се мачеше, но си ја заврши работата против Украина, па домашната селекција со максимални четири бода ќе влезе во последното коло од групата Б што се игра во Виена. Веќе се јасни и сите комбинации околу пласманот во следната рунда, за што на Македонија ќе и биде неопходна победа од најмалку два гола разлика во последното коло против Австријците. Доколку Чешка слави над Украина, тогаш трите селекции би завршиле со идентични четири бода, а ќе решаваат нивните меѓусебни дуели.

Според овие бројки, Македонија би можела дури и да пренесе два бода во следната рунда, доколку се пласира во таа фаза заедно со Австрија. За тоа да се случи ни одговара победа од два или од три гола на дуелот во вторник. Секој триумф поубедлив од три погодоци ќе ја однесе Чешка во следната рунда, а тоа би значело дека Македонија нема да пренесе бодови.

Математиката вели дека Македонија би можела да се пласира дури и со реми во последното коло, доколку Чешка загуби во последниот натпревар против Украина.

Сепак, најважно од се е „црвено-жолтите“ да излезат на терен и да заиграат во посакуваното светло, бидејќи тоа е единствениот начин на кој ќе го заслужат местото меѓу 12-те најдобри селекции во Европа.

Се вчитува...