„Математики“ за ЛШ: Англиски маки големи…

Со денешните осум натпревари од последното коло во групата А, Б, Ц и Д и дефинитивно ќе се разрешат дилемите околу пласманот во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Во најтешка ситуација се наоѓаат англиските премиерлигаши Тотенхем и Ливерпул, кои мора да атакуваат на победи над Барселона и Наполи, за да го продолжат настапот во елитното европско натпреварување.

ГРУПА А: Атлетико М. 12, Борусија Д. 10, Бриж 5, Монако 1.

Овде нема никакви дилеми, Атлетико Мадрид и Борусија се пласирани во осминафиналето, а Бриж ги продолжува настапите во Лигата на Европа. Атлетико мора да победи за да биде сигурен како првопласиран во групата, додека „милионерите“ мораат да слават и да чекаат „кикс“ на шпанскиот клуб за да се искачат на врвот. Ако двете екипи завршат со ист број на бодови, првопласирана ќе биде Борусија поради подобриот меѓусебен дуел.

ГРУПА Б: Барселона 13, Тотенхем 7, Интер 7, ПСВ Ајндховен 1.

Барселона е сигурно прва во групата, а ПСВ Ајндховен е последен, без шанси ниту за третото место. Битката се води меѓу Тотенхем, кој вечерва гостува на „Камп ноу“, и Интер, кој е фаворит на домашен терен со ПСВ Ајндховен. Двата тима имаат идентичен број на бодови, а Тотенхем е во предност поради поголемиот број на голови на гостински терен во меѓусебните дуели.

Ова значи дека Интер мора да освои повеќе бодови од „спарси“ на вечерашните средби ако „нероаѕурите“ сакаат да се искачат на втората позиција и да се пласираат во осминафиналето. Тотенхем со победа сигурно останува втор, а доколку „спарси“ загубат од Барса, тогаш на Интер ќе му биде доволно и реми со ПСВ.

ГРУПА Ц: Наполи 9, ПСЖ 8, Ливерпул 6, Ц. Звезда 4.

Наполи оди понатаму со најмалку еден освоен бод. „Наполитанците“ можат да се второпласирани и ако загубат со еден гол разлика, но постигнат најмалку еден погодок на „Енфилд“ (2-1, 3-2, 4-3…). Тимот на Карло Анчелоти оди понатамау и доколку загуби во Ливерпул, но и ако се случи ПСЖ да биде поразен во Белград.

ПСЖ со победа сигурно се пласира во следната рунда. Исто така, „светците“ се во осминафинале ако во вториот меч од групата Ливерпул не го победи Наполи.

Ливерпул мора да слави, и тоа со минимални 1-0 или пак со најмалку два гола разлика за да биде дел од осминафиналето. Ако „црвените“ слават, а ПСЖ ремизира во Белград тогаш три тима ќе имаат по девет бода. Ливерпул во таа ситуација би бил првопласиран, а втората позиција би зависела од конечниот резултат на мечот на „Енфилд“.

Црвена звезда има шанси само за третото место, и тоа со победа над ПСЖ и  пораз на Ливерпул од Наполи.

ГРУПА Д: Порто 13, Шалке 8, Галатасарај 4, Локомотив М. 3.

Група без многу дилеми, Порто сигурно е прв, а Шалке е второпласирана екипа со место во осминафиналето. Галатасарај ќе биде третопласиран ако слави на својот последен меч со Порто, или пак доколку Локомотив не дојде до цел плен против Шалке. Ако Галата и Локомотив завршат со ист број на бодови, во предност е турскиот клуб поради подобриот скор во меѓусебниот дуел.

Се вчитува...