Матеус: Баерн избрза со Тухел, затоа што беше блиску до Јувентус

Лотар Матеус важи за жесток критичар на актуелната управа на Баерн Минхен, па во ситуација кога баварците самите си ја прокоцкаа трката за титулата, прославениот германски репрезентативец не ја пропушти можноста повторно да проговори за неспособноста на Оливер Кан и на Хасан Салихамиџиќ.

Тој уште еднаш го повтори ставот дека е направена катастрофална грешка со смената на Нагелсман, која според Матеус била избрзана поради фактот дека Томас Тухел почнал да разговара со Јувентус.

„Кога видовме дека Нагелсман си оди, многумина беа изненадени. Искрено, јас прво помислив дека е некоја шега, но потоа сфатив дека не е 1 април и дека медиумите не би се шегувале со такво нешто. Нагелсман заврши добра работа, ја освои Бундес-лигата без проблеми. Можеби не беше доволно добар во ЛШ во првата сезона, но годинава веќе ги победи ПСЖ, Интер и Барселона и покажа значителен напредок. Во Бундес-лигата не одеше се така перфектно, но се уште беше блиску до трофејот. Тој имаше изградено добар однос со играчите и голем дел од нив останаа разочарани по тренерската смена. Мислам дека отказот му беше врачен во моменти на нервоза на Кан и Салихамиџиќ. Тухел беше слободен, но почна да разговара и со Јувентус, па во Баерн станаа нервозни и избрзаа со одлуката“, изјави Матеус.

Како што е веќе познато, Тухел најпрвин загуби дома од Фрајбург во Купот на Германија, потоа следеше елиминацијата од Манчестер Сити во ЛШ, а по последниот пораз од Лајпциг баварскиот гигант се наоѓа и на работ на амбисот во битката за трофејот во Бундес-лигата.

Се вчитува...