Матеус удри по Озил: Нема срце, нема страст – ги потроши сите кредити од Лев

Лотар Матеус има настапено на пет различни мундијали за Германија и добро знае што е неопходно да се успее на големите натпреварувања. Поранешниот капитен не го криеше разочарувањето по премиерниот пораз од Мексико, како главен виновник посочувајќи го Месут Озил. Матеус веќе извесно време го критикува Озил за неговите слаби игри, па сега го повика селекторот Јоаким Лев да го повлече асот на Арсенал од стартниот тим за наредните мундијалски средби.

„Ако јас се прашувам тој веќе немаше да игра за репрезентацијата. Самите го гледате, нема срце, нема страст, нема ниту грам радост во неговата игра, а тоа е она што го красеше претходно. Веќе година или две Озил игра на многу послабо ниво, тој доби „бесплатен билет“ од селекторот за Русија, но не прави буквално ништо за да го оправда. Сите кредити од Лев се потрошени, време е Месут да се пресели на клупата за резерви“ – дециден е Лотар Матеус.

Останува да се види дали Јоаким Лев ќе ги послуша овие сугестии од Матеус, па дали Озил ќе биде стартер или резерва на дуелот од второто коло против Шведска, клучен за пласманот на Германија во осминафиналето.

Се вчитува...