Матијашевиќ: Ние сме атипична репрезентација

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Најдобрите македонски одбојкари забележаа три порази во првите три настапи на Европското првенство. На дебито против Финска освоија сет, а потоа загубија максимално против Турција и против Русија. Третиот сет против „зборнаја“ дава надеж дека Македонија може да игра и многу подобра одбојка на шампионатот.

„Ние сме атипична репрезентација која се уште нема изградено базично ниво за кое ќе можеме да кажеме дека под него не смееме да одиме. Третиот сет против Русија се надевам дека ќе им даде повеќе самодоверба на играчите и позитивна енергија за преостанатите два меча. Што се однесува дуелот со европскиот првак, Русите ни се “нудеа“ во третиот сет, но ние не знаевме да ја искористиме шансата и да го освоиме. Голема штета е што не успеавме, а и понатаму тврдам дека тоа се должи на неискуството. Сепак, во глобала, Русија е моќна селекција која е актуелен европски првак“, анализира селекторот Никола Матијашевиќ.

Македонската одбојкарска репрезентација денеска има слободен ден на шампионатот, а утревечер (20.30 часот) ќе се сретне со Белорусија. Групната фаза ја заокружуваме во вторник против домашната селекција на Словенија.

Се вчитува...