Матиќ: Знаеме што треба да направиме за добар резултат на Вардар во Тетово

Шкендија против Вардар е најголемото дерби оваа есен. Двата тима кои според резултатите најавија битка за титулата во оваа сезона, сега во меѓусебна пресметка во обид да го искористат „киксот“ на Струга ТЛ која беше поразена од АП Брера на домашен терен.

Актуелниот првак го дочекува најтрофејниот македонски клуб, и се очекува интересен и возбудлив натпревар на градскиот стадион во Тетово денеска. Особено што и двата тима сега се во битка за трофејот, после долго време, откако во изминатите сезони на скопските „црвено-црни“ не им цветаа рози, па повеќе мислеа на својот опстанок, отколку на горниот дел.

Околу тоа што, како и колку може денеска тимот на Вардар, на „жешкиот“ терен на Градскиот стадион во Тетово, зборува столбот на одбраната на „црвено – црните“, хрватскиот интернационалец Мислав Матиќ.

„Нормално дека дуел против Шкендија на гостински терен, против актуелниот првак, и учесникот во групната фаза од Лигата на Конференции во моментов се нарекува тежок меч.  Шкендија има квалитет, тука нема дилеми. Затоа, може слободно да се каже дека на ваков дерби натпревар, мора да си двојно по сконцентриран, двојно по агресивен, многу побрз“ – вели Матиќ па додава.

„Ние секако ќе дадеме се од себе за да дојдеме до позитивен резултат. Дали ни оди во прилог тоа што Шкендија игра во Европа? Да, мислам дека ни оди. Имаат густ распоред, многу мечеви, но да напоменам дека ние премногу и не се оптоваруваме со противникот. Знаеме што треба да направиме за да дојдеме до добар резултат во Тетово, и токму тоа ќе го сториме“, изјави дефанзивецот на Вардар.

Се вчитува...