Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар славеше со 2-1 на домашен терен против Силекс во последниот натпревар од 11. коло, последно од првата рунда во Првата македонска фудбалска лига. Домаќините стигнаа до брзо водство од 1-0 со голот на капитенот Азер Омерагиќ во 8. минута.
На гостите не им требаше многу време да дојдат до израмнување, откако во 14. минута по одличната асистенција на Пиреш Алдин Хрвановиќ израмни на 1-1.
Во вториот дел „црвено-црните“ тргнаа по трите бода. Кон голот на противникот шутеви упатија и Мато и Босанчиќ, но сепак на семафорот се уште стоеше резултатот од првото полувреме 1-1. Во 83. минута голманот на гостите Љупче Џеков направи голема грешка, поради која доби директен црвен картон.
Во 96. минута по еден центаршут на Маневски, гостите играа со рака, по што по проверка со ВАР беше досуден пенал за домашниот тим. Пеналот успешно го реализираше Мато за победа на домаќинот од 2-1.
По првата рунда одиграни натпревари Вардар е прв со 27 бода, пред Струга ТЛ која има еден помалку. Шкендија е на третото место со 24 бода, а по нив следува кратовски Силекс со 22 бода. Башкими, АП Брера и Македонија ЃП се на позициите кои гарантираат опстанок во елитата. Моментално на плеј-оф позициите се Арсими и Тиквеш, додека во опасната зона се наѓаат Пелистер, Работнички и Шкупи.
ПМФЛ 11. КОЛО:
СРЕДА:
АРСИМИ – РАБОТНИЧКИ 2-2
МАКЕДОНИЈА ЃП – БАШКИМИ 1-1
ЧЕТВРТОК:
ШКУПИ – СТРУГА ТЛ 1-2
ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ 0-0
ПЕТОК:
АП БРЕРА – ШКЕНДИЈА 2-3
ВАРДАР – СИЛЕКС 2-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

