Матс Виландер: „Грчевите кај Карлос ги предизвика Новак и неговата атомска игра“

Легендарниот шведски тенисер Матс Виландер од стручен агол ги објасни проблемите со грчеви кај младиот шпански тенисер Карлос Алкараз поради кои не можеше успешно да парира на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Ролан Гарос.

„Тоа го предизвика Новак, само Новак, и секако неговата атомска игра во првите два сета која очигледно го исцрпи младиот и неискусен Карлос. Разликата меѓу тоа како се движи Новак, дури и кога е исцрпен, во споредба со Карлос, тоа е една голема разлика. Никогаш ова не сум го видел кај Карлос, Новак и неговиот тим очигледно ја знаеја неговата слабост“ – коментира Виландер, и дополнува:

„Мислам дека тука се надополнија и тензијата и стрес, секако. Сето тоа, заедно со физичкиот напор, влијаат на губење на течности во телото, недостаток на електролити па потоа следи тоа што го видовме. Не може да речам дека нема добри подготовки, па мислам дека е и малку од стресот и психолошкото влијание на дуел со Ѓоковиќ“.

Матс Виландер опиша и со што Алкараз морал да се соочува во првите два сета.

„Карлос трчаше во просек 20 метри се до тој дел со грчевите. Играа 155 поени дотогаш, и тоа е околу 3.000 метри. Но тоа се спринтеви. Значи 30 пати по 100 метри спринт. Тој не одеше, но тоа беше спринт цело време затоа што Новак играше мудро принудувајќи го постојано да трча по теренот. Сето тоа влијаеше на грчевите кои го зафатија во целото тело“ – истакна Виландер.

Претходно и самиот Карлос Алкараз призна дека едноставно не знаел што му се случува, но како цело тело да му откажува.

„Имав грчеви и на крајот од вториот сет, но успеав да се справам некако. Најпрво беше раката, а потоа и сите останати делови од телото. Моето цело тело почна да се грчи. Разочаран сум што мораше така да завршам“ – призна на крајот од дуелот Алкараз.

Се вчитува...