Мбапе без милост за Монако

ПСЖ по двете реми во последните две кола од францускиот шампионат конечно им донесе радост на своите навивачи, славејќи со 2-0 во дербито на колото против Монако.

Во главна улога беше Килијан Мбапе, кој постигна два погодоци против својот поранешен клуб, не оставајќи им надеж на „кнезовите“ дека би можеле да приредат изненадување на „Паркот на принцовите“. Мбапе првиот гол го постигна од пенал, а на оној вториот му претходеше асистенција на Лионел Меси, за осигурување на победата уште во првото полувреме од овој дуел. Со овие два гола францускиот репрезентативец стигна до јубилејната „стотка“ кога станува збор за бројот на постигнати погодоци во домашното првенство, со што стана најмлад играч кој го одбележал овој јубилеј во елитното француско фудбалско друштво.

Лео Меси имаше две одлични шанси во второто полувреме, но аргентинскиот генијалец не успеа да се запише меѓу стрелците на овој натпревар.

ПСЖ има удобна предност на врвот на табелата, „светците“ по 18 кола имаат 45 бода, дури 13 повеќе од второпласираниот Олимпик Марсеј, кој има и натпревар помалку од лидерот.

Се вчитува...