Мбапе чека видео-доказ, Погба ќе остане без СП во Катар?!

Пол Погба би можел да остане без настап на претстојниот мундијал во Катар доколку се потврдат информациите дека тој навистина барал од африкански врач да му фрли клетва на репрезентативниот колега Килијан Мбапе. Ова го тврди братот на Пол, Матис Погба, според кој фудбалерот на Јувентус бил љубоморен на репрезентативниот колега, поради што се решил на ваков чекор.

Пол го обвини својот брат дека со ширење на вакви невистини сака да му го урне имиџот и да му создаде конфликт на клупско и на репрезентативно ниво, но во францускиот табор засега владее молк за целиот скандал. Извори блиски до Килијан Мбапе тврдат дека голгетерот будно ја следи ситуацијата и очекува видео-доказ. Доколку тоа се појави во јавноста, за очекување е Мбапе отворено да тргне во конфликт со Погба, барајќи овој играч да биде исфрлен од списокот за СП 2022.

Францускиот национален тим става сериозен акцент на дисциплината и меѓучовечките односи во таборот на „триколорите“, па така Карим Бензема со години беше игнориран од селекторот Дидие Дешамп поради вмешаноста во скандалот со уценување на Валбуена.

Сега на удар е Погба, па останува да се види каква ќе биде реакцијата на федерацијата и на селекторот, секако доколку бидат докажани обвинувањата од братот на фудбалерот на Јувентус.

Се вчитува...