Мбапе долго ќе го памети Копенхаген – Данците му фаќаа сеир за „очајната“ игра (ВИДЕО)

Килијан Мбапе очигледно уште долго ќе го памети гостувањето во Копенхаген, откако ѕвездата на Франција немаше своја ноќ на дуелот со Данска, па со своите очајнички обиди да постигне гол наиде на сеир од публиката.

Данска одигра брилијантно прво полувреме и сосема заслужено поведе со 2-0 против Франција, резултат кој се покажа како конечен и покрај притисокот на светскиот првак.

Избраниците на Дешамп се обидоа да го поправат впечатокот во вториот дел, но тоа не го правеа со тимски акции, туку со индивидуални потези кои сепак не вродија со плод.

Килијан Мбапе беше посебно фрустриран во вторите 45 минути и на секој начин се обидуваше да го пронајде патот до голот, па иако еднаш беше одлично сопрен од Шмајхел, во одредени моменти навистина претеруваше.

Најдобар доказ за тоа се двата нерезонски и катстрофални шутеви од дистанца, по кои топката заврши високо на трибината, епилози поради кои наиде на сеир и потсмевање од домашните навивачи на „Паркен“.

 

Се вчитува...