„Мбапе е брз, но Дејвис е уште побрз“

Погледите на фудбалска Европа денеска се насочени кон Лисабон, каде вечерва со почеток во 21 часот ќе тартува финалето од Лигата на Шампионите меѓу Баерн Минхен и ПСЖ. Овој меч ќе биде од посебно значење за Кингсли Коман, францускиот крилен офанзивец ги мина младинските категории на ПСЖ и си замина од „Паркот на принцовите“ пред шест години, а сега токму против својот поранешен клуб ќе води битка за првата европска круна во кариерата.

„Имам прекрасни спомени од времето во ПСЖ, но сега сум член на Баерн Минхен и ќе бидам стопроцентно мотивиран да му помогнам на својот тим во ова големо финале“, истакна Коман.

Според него, клучно ќе биде да се одигра добро во одбраната и да се неутрализира Килијан Мбапе, од кого ќе пристигнува главната опасност по голот на Нојер.

„Мбапе е исклучителен играч, тој е неверојатно брз, но ние го имаме Дејвис, тој е уште побрз од Килијан. Клучно ќе биде да одиграме пресинг на противничката половина, тоа е она што го краси Баерн во последните месеци, стил што ни донесе бројни победи и се надевам дека тоа ќе биде рецепт за успех и во големото финале“, вели францускиот интернационалец во дресот на Баерн.

Се вчитува...