Мбапе има 90 милиони причини да остане во ПСЖ

Минатото лето мина во знакот на трансфер-сагата на Килијан Мбапе, кој по повеќемесечно размислување на крајот реши да го одбие Реал Мадрид и да потпише нов договор со ПСЖ. Летово тоа воопшто не би требало да биде случај ако се знае дека Мбапе го очекува богат бонус само да остане во клубот и да ја одработи втората година од веќе потпишаниот договор.

Француските медиуми информираат дека станува збор за „бонус за лојалност“ во висина од неверојатни 90 милиони евра само за останувањето во ПСЖ, плус дополнителните 50 милиони што Мбапе ќе ги добие на име плата за сезоната 2023/24. На одличниот голгетер му е јасно дека ова е шанса што не треба да ја пропушти, па затоа воопшто не размислува за заминување во текот на летово.

Ситуацијата е сосема поинаква пак за наредното лето, кога и официјално ќе истече договорот што тој го потпиша со ПСЖ. Договорот е на „две плус една година“, но Мбапе засега ги одбива сите понуди за да ја активира третата година од соработката со „светците“. Тоа го става ПСЖ во крајно непријатна положба, за една година да му исплати на својот најдобар фудбалер околу 140 милиони евра, а тој потоа без никаква отштета во јули 2024 година да си замине од „Паркот на принцовите“.

Ваква разврска очекуваат во таборот на Реал Мадрид, Флорентино Перез веќе ставил до знаење дека нема намера да преговара со ПСЖ за Мбапе, но доколку Французинот стане достапен на пазарот без никаква отштета, нема сомнеж дека „кралевите“ ќе се вратат во пол-позиција во трката за негов ангажман.

Се вчитува...