Француската ѕвезда Килијан Мбапе, кому актуелниот договор со Пари Сен Жермен му истекува летово, па веќе во најава е дека во февруари ќе потпише повеќегодишна соработка со Реал Мадрид, поставил посебен и специјален услов за договорот кој ќе треба да му биде исполнет, дали од „кралевите“ ако го ангажираат или од парижаните ако го задржат.
Според француските медиуми, Мбапе во договорот покрај сите можни клаузули што ќе ги има, ќе бара да се вметне и една дека идниот клуб нема да му прави проблем за да игра на фудбалскиот турнир на Летните Олимписки Игри во 2024 година во Париз, зашто сон на Французинот е да биде олимпиец.
Проблем за ЛОИ е секогаш терминот, зашто фудбалскиот турнир на Олимписките Игри не е во ФИФА-термини, па клубовите најчесто се противат да ги пуштат своите најголеми ѕвезди, особено и поради фактот што во таа 2024 година е Европското првенство во Германија, што значи дека ќе се одолговлечи сезоната, па задолжителниот одмор би бил подолг, па практично ќе го прескокне стартот на новата сезона.
Француските медиуми објавија и писмо од Мбапе на тема Летни Олимписки игри во кое посебно се гледа како младата суперѕвезда го доживува олимпизмот и колку сака да биде дел од таков еден настан.
„Кога ќе видите што направија француските селекции, победија во одбојка, во ракомет, играа финале со САД во кошарка… Се надевам дека ќе го доживеам тоа и ќе го направам истото во 2024 година со тимот во кој играат најдобрите играчи на светот. Јас имав 13 години кога првпат гледав ЛОИ, тие во Лондон и бев нестрплив пред секое натпреварување, посебно пред настапите на американскиот дрим-тим со Леброн и Коби, пред трките на Јусеин Болт…“, пишува Мбапе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА