Меч од висок ризик: „Стоп“ за „Шверцери“ на Вардар – Шкупи

Натпреварот меѓу Вардар и Шкупи што ќе се игра утре на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари е прогласен за меч од висок ризик, па од управата на „црвено-црните“ уште еднаш потенцираат дека ќе биде забрането присуството на гостински навивачи.

„Натпреварот е прогласен за меч од висок ризик. При купување на билет задолжително ќе биде прикажување на документ за лична идентификација. Влезници ќе се купуваат по принципот една лична карта – еден билет. Забранет ќе биде влезот за гостински навивачи и симпатизери. Сите гостински навивачи кои ќе се обидат да влезат на трибините, ќе бидат вратени од стадионот. До оние кои ќе бидат на трибината на стадионот, ФК Вардар апелира на фер и коректно навивање. Да го бодриме нашиот тим кон триумф и три бода“ – се вели во соопштението на официјалната веб-страница на македонскиот вицепрвак.

Целта е јасна, да не се дозволи присуство на „Шверцери“, што би претставувало сериозна опасност од инцидент за време на натпреварот, но и надвор од стадионот.

Вардар моментно се наоѓа на третото место на табелата со 39 бода, шест повеќе од четвртопласираниот Шкупи.

Се вчитува...