„Меч топка“ за Еуро Никел вредна финале

Прволигашите немаат многу време за одмор од првите полуфинални средби бидејќи веќе денеска со почеток од 17 часот продолжува борбата за пласман во финалето. По „брејкот“ во Скопје, Еуро Никел денеска во Гевгелија ќе има шанса да го завери своето место во финалето, но избраниците на Горан Самарџиев ќе мораат да бидат на врвот на својата задача против мотивираниот состав од центарот на главниот град.

Еуро Никел одигра одличен дефанзивен натпревар во првиот меч во кој за 30. минути игра го сведе Работнички на само 36 поени, но повторно заморот беше видлив во последната четвртина во која кавадарчани примија дури 30 поени, а за пет минути игра постигнаа само три.

„Многу тежок натпревар зад нас во Скопје, а сигурен сум дека вториот ќе биде уште потежок на двата дела од теренот. Важноста на натпреварот придонесе двете екипи слабо да започнат во нападот, но успеавме да ја држиме одбраната на највиско ниво, а потоа во второто полувреме да одговориме и во нападот и да направиме поголема разлика. Следеше тој пад во последната четвртина кој ни се случува веќе два, три пати. Причина за тоа е малата ротација, а и некое опуштање кои не смееме да си го дозволиме кога се бориме за титула“, изјави Данило Мијатовиќ.

Кавадарчани денеска ќе мораат да бидат целосно фокусирани на натпреварот со оглед на тоа што за Работнички нема поправен, па нашиот најтрофеен тим ќе игра со сите сили.

„Мораме фокусирано и мотивирано да влеземе во вториот натпревар. Сигурен сум дека ќе биде неизвесен до самиот крај, па ни останува да бидеме сто отстотно фокусирани за да не ни се случат грешките од првиот натпревар. Работнички е фаворит со самото име и традицијата, но нам ни останува да се бориме и да пробаме да ја решиме серијата веќе во вториот натпревар и да влеземе во финалето кое многу го посакуваме“, додава трократниот шампион на Македонија.

Работнички потфрли во шутот за три поени на првиот меч во кој шутираше со 22% реализација (8/35). Четири од овие тројки беа реализирани во последната четвртина во која избраниците на Мираковски успеаја да се вратат од негатива од 20 поени на само еден напад, а доколку нашиот најтрофеен тим сака да избори „мајсторка“ овој сегмент од играта мора да биде далеку подобар.

Се вчитува...