Медведев: Кој ќе биде одговорен ако умрам на терен

Данил Медведев со многу мака успеа да се пласира во четвртфиналето на ОИ во Токио, елиминирајќи го Фабио Фоњини со 2-1 во сетови. Русинот во текот на мечот се мачеше со жештината, која им создава се поголеми проблеми на тенисерите за време на натпреварите.

Во еден момент судијата Карлос Рамос забележа дека Русинот не се чувствува добро и го праша дали може да го заврши мечот.

„Јас можам да го завршам мечот, но можам и да умрам овде. А кој ќе ја преземе одговорноста ако умрам на терен. Смешно е и што имаме само една минута одмор при менување на страните на секои два гејма, кога оваа пауза изнесува минута и пол на АТП-турнирите. Очигледно никој не се грижи за здравјето на спортистите“, одговори Медведев.

Пред неколку дена загриженоста за превисоките температури за време на тениските мечеви гласно ја искажа и Новак Ѓоковиќ, додека Шпанката Паула Бадоса доживеа топлотен удар, го предаде својот четвртфинален меч и во инвалидска количка беше изнесена од теренот.

Се вчитува...