Мега има нов мега-талент, со бројки подобри од Јокиќ

Српскиот расадник на таленти, тимот на Мега во своите редови го има новиот Никола Јокиќ, а неговото име е Филип Петрушев. Играчот висок 211 сантиметри кој е роден во Белград, а средношколските и факултетските години ги помина во САД, поради коронавирусот се врати на „Јадранот“ и веднаш импресираше со својот талент.

Тој е еден од предводниците на клубот од Нов Белград, во просек бележи 21 поен и 5.4 скока по натпревар со просечен индекс од 22,8, по што заслужено беше избран и за МВП за месец октомври во АБА-лигата. Интересно, овие бројки се подобри од оние што во првата сезона во дресот на Мега ги имаше сегашната НБА суперѕвезда, Никола Јокиќ, кој во сезоната 2014/15 имаше просек од 15.4 поени, 9.3 скока, 3.5 асистенции и индекс од 22.

Дејан Милојевиќ, тренерот кој го „произведе“ Никола Јокиќ, за Петрушев вели дека игра едноставно, не компликува, нешто што во кошарката е најтешко. Покус не остана ниту супер-менаџерот Мишко Ражнатовиќ, кој се нашали дека Јокиќ би можел да биде замена за Петрушев.

Далеку од тоа дека статистиката е пресудна во кошарката, меѓутоа истата е добар поглед кон тоа какво е неговото присуство на паркетот. Игра одлично во тандем со Марко Симоновиќ, а пофалбите доаѓаат од сите страни.

Се вчитува...