Мегленски: Победа е кадарна да ја победи Академија Пандев

Максимално позитивна но не и еуфорична атмосфера во таборот на Победа по успешно пребродениот прв осминафинален куп натпревар. Продолжена е позитивната серија резултати која само придонесува за подигнување на самодовербата во тимот на Тони Мегленски.

Шефот на стручниот штаб на прилепчани не крие дека на некои натпревари не е најзадоволен од учинокот на тимот како целина и на придонесот на поединци во севкупниот учинок. Се чини стабилноста на екипата и нејзините потенцијали се гледаат и низ призмата дека има добар резултат и кога не игра по вкусот на стратегот на црвено-белите.

„Не очекува исклучително тежок но и значаен натпревар како за нас така и за гостите. Ние едноставно немаме избор и не отстапуваме од нашата зацртана цел-на секој натпревар, против секој противник да играме на победа. Тоа е императив за секој кој го носи дресот на Победа. Од друга страна Академија Пандев има квалитетен тим, тоа го покажа во овие пет изминати кола и сигурно не случајно е на првото место. Во Битола сигурно нема да дојдат со бело знаме туку ќе играат своја игра. Но на овој натпревар се прашуваме ние. Од нас, од нашите фудбалери на теренот, ќе зависи колку ќе им дозволат да ја наметнат нивната игра. Мораме да бидеме максимално дисциплинирани и концентрирани на секој дел од теренот. Организирани и со наша игра да не му дозволиме на противникот да не загрози, а со мудра, стрплива и агресивна игра убеден сум дека сме кадарни на крајот да стигнеме до трите бода“ – вели Мегленски пред натпреварот со Академија Пандев.

Тој за првпат оваа сезона нема проблеми околу составот и на располагање ги има сите фудбалери, освен оперираниот Лука Трајкоски и засилувањето Владимир Жоглев, кој вчера исто така го оперираше коленото.

Натпреварот од 6. коло Победа – Академија Пандев се игра утре на стадионот во Битола со почеток од 15:30 часот. Главен судија ќе биде Зоран Темелков од Кавадарци, а ќе му помагаатДраган Трпчевски од Кавадарци и Петар Степановски од Битола, од каде е и четвртиот судија Благојче Ралевски. Делегатската функција ќе ја извршува Горан Михајловски од Скопје, а контролор на судењето ќе биде Ванчо Коцев од Штип.

Се вчитува...