Мегленски: Подготвени сме за новата сезона, но за Победа голем хендикеп е што немаме свој дом

Шефот на стручниот штаб на прилепска Победа, Тони Мегленски е задоволен од текот на летните подготовки пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Според Мегленски, тимот иако има сериозни промени во играчкиот кадар, сепак во новата сезона треба да игра далеку позапазена улога во елитата. А, сигурно не повторно само битка за опстанок…

„За нас пролонгирањето на стартот на првенството беше добредојдено за воигрување на тимот, со оглед на сериозни играчки промени. Имаме 11 нови играчи кои се вклопуваа во тимот. Би се заблагодарил на управата затоа што ова лето имавме најдобри услови за подготовка. Работиме на поинаков начин досега и сме на добар пат. Знаејќи ги приликите во македонскиот фудбал пазарот е ограничен со македонски фудбалери. Се засиливме добро и ќе треба време да се ускладиме затоа што Прилеп и Победа се специфични средини и затоа пикиравме играчи кои се и добри фудбалери и добри карактери. Тоа мора едно со друго да го вклопиме. Но, ова ќе биде последен пат да се ангажираат голем број играчи. Летово, како дел од стратегијата на Стојковиќ и Николоски, потпишувавме договори со новите играчи на 2-3 години за да работиме на подолги патеки. Но, се е врзано од резултатите и успехот. Невозможно е секој преоден рок да се прави нов тим. Со ваквите ангажмани натаму би носеле само играчи како надополнување на екипата“ – истакнува тренерот на Победа.

Што се однесува до очекувањата за новата сезона…

„Се надевам дека ќе имаме добри резултати. Задоволен сум од ангажманот и трката на фудбалерите за време на подготовките. Подготвени сме за новата сезона во која верувам ќе играме далеку позапазена улога. Не смееме да ги заборавиме навивачите кои се наша движечка сила. Мораме да се соединиме и сплотиме да направиме солиден прволигаш кој би конкурирал за година-две и за Европа“ – вели Мегленски.

Победа новата сезона ја почнува в недела од 17 часот на стадионот „Тумбе Кафе“ во Битола против новиот прволигаш, струмичка Беласица. Поради проблемите со изградбата на стадионот „Гоце Делчев“ прилепчани и оваа сезона ќе мора да бидат домаќини надвор од својот град.

„За нас тоа е голем хендикеп… За жал ние немаме никаква влијание на тоа затоа што стадионот е на градот. Не знам до каде е работата, но навистина за нас би било добро ако може да се направи теренот да може да се игра фудбал а потоа нека се прават трибините. Нас ни е неопходна поддршката од нашите навивачи за успешна сезона“ – вели Мегленски.

Се вчитува...