Мејер наследник на Омејер на голот на Франција

Младиот голман на Шамбери, Жилиен Мејер (20) е наследникот на легендарниот Тиери Омејер на голот на ракометната репрезентација на Франција. Мејер е меѓу 18 репрезентативци што ги повика селекторот Дидие Динар за претстојните натпревари со Норвешка во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. За Мејер кој е младински репрезентативец на Франција, ова е прв повик во сениорскиот состав на актуелниот светски шампион.

Омејер заедно со Даниел Нарцис објавија дека по квалификациите за ЕП 2018, ја завршуваат репрезентативната кариера. Динар и неговиот помошник Жилом Жил иднината на голманската позиција ја гледаат во младиот голман на Шамбери кој доби предност пред Сирил Думулин во голманското трио покрај Омејер и Жерар.

Жилиен Мејер на почетокот на сезонава се пресели од Селестат во Шамбери, кој клупата го предводат поранешниот македонски селектор, Ивица Обрван и неговиот асистент Данило Брестовац, задолжен посебно за работата со голманите. Мејер има забележителни настапи во својата прва сеозна во Шамбери, што му донесе место и во сениорската репрезентација на Франција.

Во квалификациите за ЕП 2017, Франција на 3 и на 6 мај ќе игра против Норвешка, а во јуни се последните два дуели со Литванија и со Белгија.

Се вчитува...