Мекиќ горд: Ова не е успех само за МЗТ Скопје, туку за цела македонска кошарка

МЗТ Скопје оствари фантастичен успех со победата над Широки Бријег, со која македонскиот првак обезбеди и учество во АБА1 лигата за следната натпреварувачка сезона. Аеродромци одиграа одличен меч против незгоден ривал, го контролираа резултатот во голем дел од средбата и во неизвесен финиш успеаја да ја претворат предноста во конечна победа.

Адем Мекиќ ја имаше клучната улога при последниот напад на Широки, кога Иванов се најде под кошот, но македонскиот репрезентативец со одлична блокада го запре да постигне поени за израмнување, по што Војдан Стојановски од линијата за слободни фрлања го запечати триумфот на МЗТ.

„Така се погоди ситуацијата, јас се најдов на тоа место за да помогнам откако имаше влез во рекетот, знаев дека не смеам да дозволам Иванов да постигне поени. Успеав да го изблокирам и да спречам израмнување. Секако дека радоста беше огромна бидејќи ова беше клучниот меч за нас за оваа сезона. Самиот факт дека го знаевме исходот од првото полуфинале и дека мечот со Широки беше како финале за нас донесе дополнителен притисок, но покажавме дека знаеме како да се справиме и во една таква ситуација. Благодарност до навивачите за фантаситчната поддршка што ни ја дадоа во текот на целиот меч“, изјави Мекиќ.

Репрезентативецот беше дел од тимот на МЗТ Скопје и додека „металците“ претходно настапуваа во АБА1-лигата и добро знае какво е чувството да се игра во елитното регионално натпреварување.

„Мислам дека сега АБА е дури и посилна од тој период, бидејќи гледаме Црвена Звезда, Партизан, Цедевита, Будуќност… ова се тимови што сега бележат значителни резултати и на европската сцена. За нас како играчи ќе биде огромен предизвик да играме против врвни противници и ќе ни овозможи уште повеќе да напредуваме. Сметам дека овој наш пласман не е успех само за МЗТ Скопје, туку и за целокупната македонска кошарка, време е да почнеме да одиме напред, салите повторно да се полнат и да се ужива во овој спорт“, вели крилниот кошаркар.

МЗТ Скопје со пласманот во финалето против Златибор веќе го обезбеди учеството во АБА1, но за Мекиќ нема дилема – „металците“ мораат да слават и на утрешниот дуел.

„Ја завршивме најважната работа, но тоа не значи дека сме без мотив во финалето. Да се крене пехарот, да се биде најдобар во АБА1, тоа е нашата цел и затоа ќе дадеме се од себе на финалето против Златибор“, оптимист е Адем Мекиќ.

Се вчитува...