Мекиќ: МЗТ игра најдобро кога е најважно

МЗТ Скопје стигна до значајна победа на гостувањето против Пелистер, па „сино-белите“ сега се наоѓаат на само еден триумф до пласман во големото финале. Успехот е уште поголем ако се знае дека битолчани отворија одлично, поведоа со 14-0 на самиот почеток, но МЗТ одигра шампионски, успеа да ја истопи предноста на противникот и потоа во клучните моменти да направи пресврт и да стигне до победата.

„Влеговме малку нервозно во натпреварот. Пелистер отвори добро, играа со повеќе енергија од нас, погодија неколку шутеви и стигнаа до убедлива предност. Сепак, успеавме да се собереме, пред крајот на полувремето да ја намалиме разликата, а потоа во вториот дел и да направиме целосен пресврт. МЗТ игра најдобро кога е најважно, го потврдивме тоа и со ова последно издание во Битола и очекувам да продолжиме во ист стил до крајот на сезонава“, изјави Адем Мекиќ.

Токму Мекиќ беше меѓу најзаслужните за победата на „металците“, погодувајќи четири слободни фрлања во низа и не дозволувајќи му на Пелистер да се врати.

„Искрено, не чувствував никаков притисок во тие клучни моменти. Сите тренираме напорно токму затоа – да бидеме на висина на задачата кога ќе се најдме во таква ситуација. Потребно е само да се задржи фокусот и ладната глава, позитивниот исход е неизбежен“, истакна Мекиќ.

Се вчитува...