Мешков Брест покажа заби, но Барса ја освои Белорусија

Барселона триумфираше со 29-33 на гостувањето против Брест Мешков во првиот четвртфинален меч од Лигата на Шампионите, со што каталонскиот гигант направи џиновски чекор напред кон билет за Ф4 турнирот во Келн. Белорускиот состав се покажа како цврст ривал, одлично парираше се до последните пет минути, кога сепак пресуди класата и искуството на „ѕвездите“ на Барса.

Дуелот почна со извонредна игра на Барселона, гостинскиот состав во првите десет минути постигна девет гола, па домашниот стратег беше принуден да побара тајмаут при негатива на неговиот тим од 4-9. Барса имаше најубедливи „плус шест“, но Брест почна да се враќа, Скубе ги разигра соиграчите, а најрасположен беше Ваилупау кој уште во првото полувреме постигна осум погодоци, а на одмор се замина со минимална предност на Барселона од 16-17.

Барселона го засили темпото во второто полувреме, но во ритам влезе домашниот голман Пешиќ, кој набрзина одбрани неколку зицери и не им дозволи на каталонците повторно да стигнат до поубедлива предност. Сепак, отпорот на Брест Мешков беше скршен во самата завршница, Дика Мем ја презеде одговорноста во нападот на Барселона и го предводеше каталонскиот тим до триумф.

Дика Мем постигна десет гола за Барселона, Алеиш Гомез беше стрелец на шест погодоци, додека најефикасен на натпреварот беше Ваилупау, кој единаесет пати ги матираше голманите на каталонскиот гигант.

Се вчитува...