Мешков Брест во офанзива по Дибиров

Мешков Брест го комплетираше трансферот на Сташ Скубе, но словенечкиот бек по се изгледа нема да биде единствениот „вардарец“ што летово ќе се пресели во Белорусија. Раководството на Брест планира да го искористи намалувањето на буџетот на се уште актуелниот европски првак и да доведе неколку засилувања од Скопје, а се очекува по стапките на Скубе да тргне и Тимур Дибиров.

Левото крило веќе извесно време се наоѓа на листата со желби на белорускиот првак, а во ситуација на неизвесна иднина во Вардар челниците на Мешков веќе испратиле интересна понуда до Дибиров. Русинот се уште тактизира, чекајќи средба со Михајло Михајловски, новиот претседател на „црвено-црните“ кој веќе најави дека сите ракометари ќе мораат да прифатат намалување на платите ако сакаат да останат во Вардар. Михајловски побара време до 15 мај за да се обиде да собере што повеќе спонзори, се очекува во наредните денови да се види одделно со сите ракометари од актуелниот ростер на „црвено-црните“, по што ќе им понуди и услови за кои тие ќе треба да одлучат дали ќе ги прифатат и ќе останат, или ќе си заминат од Вардар.

Дибиров е играч од светски калибар, еден од најзаслужните за двете освоени титули во Лигата на шампионите и сигурно нема да има проблем да најде нов клуб. Сепак, во период на финансиска криза токму Мешков Брест е еден од оние клубови кои не покажуваат знаци на финансиски проблеми, што може да биде пресудно за Дибиров, а можеби и уште некој од руските ракометари во Вардар да ја заменат Македонија со Белорусија.

Се вчитува...