Меси до Ла Лига: Клаузулата од 700 милиони евра не е валидна

Сапуницата околу Лионел Меси и неговата иднина во Барселона денеска имаше нова епизода, откако неговиот татко Жорге Меси испрати писмо до јавноста, како одговор на ставот на „Ла Лига“ дека договорот што Меси го има со Барселона е валиден за сезоната 2020/21 и аргентинскиот ас летово нема да може како слободен играч да си замине од „Камп Ноу“.

„Не знаеме кој договор го разгледувале челниците на Ла Лига кога го донеле заклучокот што го објавија во јавноста. Направена е очигледна грешка бидејќи во договорот и клаузулата 8.2.3.6 е јасно наведено дека фудбалерот може да си замине по своја желба на крајот од сезоната 2019/2020. Токму затоа, клаузулата од 700 милиони евра воопшто не е валидна“, се вели во соопштението на „Меси сениор“ до челниците на Ла Лига.

Ваквиот став на Ла Лига значи дека Меси во случај на трансфер нема да добие сертификат за преселба во новиот клуб. Аргентинецот ќе може да се пресели во друга екипа со добивање на „привремен сертификат“, но тоа само по себе ќе повлече и тужба на Барселона против фудбалерот и новиот клуб, по што шпанскиот суд ќе одлучи колкава сума ќе треба да биде исплатена на име отштета за овој мегатрансфер.

Се вчитува...